КУРСНА ЛИСТА- НБРМ
29 Декември 2008 -ПОНЕДЕЛНИК
Вал. Куп. Сред. Прод.
EUR

61.1058

61.412961.7200
CHF 40.456740.660040.8633
GBP 63.924964.246264.5674
USD 43.420643.638843.8570
Фундаментална и техничка анализа
БЕРЗА
Вторник, 05 Август 2008

Инвестирањето во хартии од вредност во светот е практика која постои со векови и претставува една од алтернативите за вложување на слободните парични средства. Кај нас, со почетоците на пазарната економија во 90-тите години, приватизацијата и основањето на првата берза во Македонија, граѓаните за првпат се соочија со постоењето на хартиите од вредност, правата кои ги носат и можностите кои ги нуди овој начин на инвестирање. Особено со „бумот“ на берзата од пред неколку години, голем дел од населението започна да гледа на инвестирањето во хартии од вредност како добра можност за вложување на средства, но и остварување на големи заработувачки. Ако ги тргнеме настрана главните карактеристики на овој период од равојот на македонскиот пазар на капитал (по се' изгледа неминовен имајќи го предвид немањето на претходни искуства на лично но и државно ниво), кој се карактеризира со големи турбуленции во обемот на тргувањето и во цените на хартиите од вредност (пред се' на акциите), сепак полека одиме кон состојба на „нормално“ постоење на берзата, тргувањето, посредувањето, анализите....

Македонските граѓани се соочија со потребата од проценка на хартиите од вредност во кои вложуваат: ја познавам ли компанијата, го знам директорот, знам некој (паметен, искусен) кој вложил таму, имам „осет“ каде да вложам и сл. Секако, развиените пазарни економии одамна ги поминале овие фази на развој. Тоа не значи дека и таму нема инвеститори кои вложуваат по „осет“, муабет и сл., но тие се во помал број, а поголемиот дел вложува или преку инвестициони фондови, користи совети од професионални советници-аналитичари или поседува сопствени знаења за анализа на хартии од вредност.

Генерално, постојат два начини на проценка на хартии од вредност: фундаментална и техничка анализа. Во што е разликата?

Фундаменталната анализа се труди да ја пронајде „внатрешната“, т.е. „вистинската“ вредност на одредена хартија од вредност, независно од моменталната состојба на пазарот, т.е. нејзината пазарна цена која станува битна во моментот на носењето на конечната одлука за купување/задржување/продавање на хартијата од вредност. Оттаму, доколку утврдената „вистинска “ вредност на акцијата е пониска од пазарната, тогаш купувањето на таа хартија од вредност е добра инвестиција. При тоа, фундаменталната анализа користи повеќе методи за проценка на вредноста на компанијата-издавач на хартиите од вредност, предностите, ризиците од работењето, можностите за иден развој и сл. На пример, некоја хартија од вредност во моментот е со пазарна цена која е еднаква или повисока од „вистинската“, но заради очекувањата за развој може да претставува добра инвестиција.

Техничката анализа, од друга страна, воопшто не ги зема предвид перформансите на издавачот, туку се базира исклучиво на пазарните движења на хартиите од вредност, пред се' на цените и истргуваните количини. При тоа, целта на техничката анализа е да го открие моментот кога да се купи и кога да се продаде, максимизирајќи ја на тој начин заработувачката. Техничката анализа поаѓа од претпоставката дека квалитетите на компанијата-издавач и на конкретната хартија од вредност, информациите, како и идните очекувања се веќе вградени во нејзината пазарна цена и дека единственото што треба да се направи е да се предвиди моментот кога хартијата од вредност ја достигнува највисоката цена и ќе почне да се намалува (тоа е моментот кога треба да се продава) или пак, доколку цената оди надолу, да се предвиди моментот на најниската цена после која истата ќе почне да расте (тоа е моментот кога треба да се купува). При тоа, техничката анализа користи голем број на методи, кои се усовршуваат од ден на ден, но, во основата лежат споредбите на цените и количините на тргувањето со одредена хартија од вредност. Техничката анализа ги користи теориите на психологијата на масите, односно однесувањето на големи групи на луѓе, кои, во случајов, го сочинуваат пазарот. Интересно е да се каже дека скоро секој голем инвеститор кој користи техничка анализа најчесто има свои специфични техники со кои, доколку се покажат успешни, заработува и потоа ги објавува како „сигурни“ методи. Но, тука е битно да се напомене дека во многу случаи техничката анализа самата себе се докажува, но и побива. Имено, доколку сите користат иста метода која вели дека цената на одредена хартија ќе расте, тие ќе купуваат и цената тогаш навистина ќе расте! И обратно, се разбира.

Во долгите години на постоење на фундаменталната и техничката анализа, фундаменталната анализа се сметаше за сериозна, додека корисниците на техничката анализа ги сметаа за шпекуланти кои ризикуваат барајќи шеми на движењето на цените на хартиите од вредност и на целиот пазар.

Сепак, се чини дека во последните години гледиштата полека се менуваат, при што многу сериозни аналитичари ги користат најновите достигнувања и на фундаменталната и на техничката анализа, при што, генерално, со фундаменталната анализа ја изнаоѓаат „вистинската“ вредност на одредена хартија и утврдуваат дали таа е преценета или потценета на пазарот, додека техничката анализа ја користат за утврдување на најповолниот пазарен момент за акција, бидејќи секое купување или продавање на одредена потценета или преценета хартија може да донесе уште поголеми ефекти доколку се погоди најдобриот момент согласно пазарните движења.


 
Регионални индекси 26.12.2008
 
MBI10

2.062,87 

-1,03

MBID

2.193,08 

+0,19
Crobex

1.758,57

0,00
Sasx-10

1.204,10 

+1,07
Birs

1.000,22

+0,63
Nex20

8.828,64 

+0,84 

Moste

390,32 

+0,21
Belex15

538,42

+2,04
SBI20

3.566,12

0,00
 
Банер
Банер